Вашето прваче треба да го научите на овие 3 важни работи (1)

Самото тргнување на училиште е стресна промена во детскиот живот. За да му го олесните тој период, задолжително научете го детето на следниве правила.
  • ОДЕЊЕ ВО ТОАЛЕТ

Прво на листата што ги прави децата нервозни е одењето во тоалет на училиште. Од петгодишна возраст, детскиот страв е да не доживеат некаква непријатност на столчето. Детето на оваа возраст ги препознава првите симптоми дека треба да оди во тоалет, но доколку е на некој начин активно (чита, пишува, игра), го одложува одењето до последен момент, а може да биде и доцна.

Охрабрете го дека во секој момент може да ја праша учителката да го ослободи за во тоалет. Практикувајте да му облечете панталони кои без проблем ќе може да ги соблече. На оваа возраст, најдобри се тренерките.

  • ПРИЈАТЕЛСТВО

Влегувањето во просторија полна со непознати лица кај секое дете предизвикува трема. За детето полесно да се приспособи, претходно поразговарајте на тема склопување пријателство. Објаснете му дека и другите деца од одделението се, исто така, нервозни и исплашени. Раскажете му како вие на таа возраст сте се запознале со другарчињата на училиште, со колегите на работа, итн.

Направете и претстава, вие бидете другарчето, а вашето дете да ви пријде и да се претстави. Охрабрете да го направи првиот чекор.

Не заборавајте ги лекциите за делење и помагање.

  • УЖИНА

На оваа возраст, детските рачиња не се доволно вешти, сè уште се развива моториката, што може да претставува проблем при отворањето на кутијата за ужина. Детето може лесно да се вознемири. Затоа, кажете му дека додека го јаде или се подготвува да почне да го јаде својот училиштен оброк, може, доколку му треба, да побара помош од наставничката или од другарчето што седи до него.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Copy Protected by Chetan's WP-Copyprotect.